Примирјето во Сирија кое го договорија рускиот претседател Владимир Путин и неговиот турски колега Реџеп Таип Ердоган во најголема мера се почитува. Но и покрај ова жестоки судири се водат во Идлиб помеѓу сириската армија и терористите, каде има и жртви.

Имено, како што пренесува опозициски “SOHR”, а пренесува британската новинска агенција „Ројтерс“, жестоки судири вчера и денес избиле на просторот на регионот Џабал Ал-Завија на југот на провинцијата Идлиб.

Судирите се водат помеѓу сириските владини сили кои ја имаат поддршката на Русија и припадници на џихадистичката група Туркистанска исламска партија „ТИП“ која ја поддржува Турција. Станува збор за екстремистичка организација која е основана од ујгурските милитанти на западот на Кина и делува во Сирија од 2015-та година. Во судирите биле убиени најмалку 15 лица.

На другите подрачја во Идлиб ситуацијата во текот на денот била мирна, откриваат извори од терен.

Извори од Идлиб исто така наведуваат дека синоќа, неколку часа пред да стапи прекинот на огнот на сила, поголем број на турски воени возила навлегол на територијата на сириската провинција Идлиб.