На територијата на Општина Свети Николе нема ниту едно лице заболено од Ковид-19, а во моментов 11 лица се наоѓаат во самоизолација и истите се придржуваат на мерките за самоизолација, информираше денеска на состанокот на Кризниот штаб, градоначалникот на Општина Свети Николе Сашо Велковски.

– За време на продолжениот викенд за 1 мај земјоделците кои не се регистрирани во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, како што се сопственици на фарми, пластеници и пчелари можат да го најават движењето со јавување на телефонскиот број 075/421-181 денеска до 15:30 часот и утре до 19 часот, за сите три дена од викендот, вели Велковски.

Посочи дека угостителските објекти кои имаат добиено дозвола за работење од кризниот штаб, можат да ја вршат својата дејност за време на викендот единствено со онлајн нарачки до 21 часот.

– Апелирам до сите граѓани да ги почитуваат мерките на Владата во носење на заштитни маски и држење дистанца од два метра, а за време на празниците да се придржуваат на мерките и да нема групирање на граѓаните, потенцира Велковски.