ВАШИНГТОН, 20 ОКТОМВРИ (МИА) – Демократскиот кандидат за претседател на САД, Џон Кери, изјави дека недостигот вакцини против грип ја изразува кризата во американскиот здравствен систем, со што тоа прашање го претвори во предизборна тема. Кери ја обвини администрацијата на американскиот претседател Џорџ Буш, дека ги занемарила проблемите со достава на вакцини и истакна дека недостигот е типичен пример за проблемите во американското здравство. Буш истакна дека американските фармацевтски компании одбиваат да произведуваат вакцини против грип затоа што се плашат од судски процедури. Медиумите во САД секојдневно емитуваат снимки од стотици возрасни лица што со часови чекаат пред болниците и аптеките за да добијат вакцина против грип. Во Калифорнија починала една жена, чекајќи да биде имунизирана.