Во двата капитални пензиски фондови, кои ќе функционираат во рамките на вториот пензиски столб од реформираниот пензиски систем, досега се зачленети околу 32.500 лица, бројка која според предвидувањата на Агенцијата за супервизија на капитално финансираното пензиско осигурување (МАПАС) се движи во рамките на очекуваното.
Зачленувањето почна на 20 септември, а обработени се податоците заклучно со 27 октомври. “Со оглед на тоа што рокот за зачленување истекува на 31 декември, очекуваме во наредните два месеца да има уште нови зачленувања, и тоа во поголем дел на оние кои доброволно треба да му пристапат на вториот столб. Според тоа, очекуваме да се исполнат нашите предвидувања за околу 60 илјади осигуреници, како реална бројка и до 80 илјади како оптимистичка”, рече на вчерашната средба со новинарите директорката на МАПАС Зорица Апостолска.
Анализите покажуваат дека засега и двата нови пензиски фондови, КБ прво пензиско друштви и Нов пензиски фонд, имаат приближно ист број зачленети осигуреници. Поради прекршување на законските одредби, односно поради презентација и зачленување на работните места и во фирмите, МАПАС им ја одзела лиценцата на неколку агенти и од двете пензиски друштва. “Доколку вакви случаи се потврдат и во иднина, или пак нивниот број се зголеми ќе бидат казнети (прекршочно и парично) и друштвата чии агенти го прекршиле законот,” објасни Апостолска. Вториот пензиски столб е задолжителен за сите нововработени по 1 јануари 2003 година, оние кои биле ваработени пред овој датум ќе треба до крајот на годинава да решат дали доброволно ќе пристапат кон еден од двата приватни пензиски фонда. Калкулациите покажуваат дека влегувањето во вториот столб е најисплатливо за оние кои имаат помалку од пет години стаж и се помлади со оглед на тоа што ќе имаат доволно време да се акумулираат и оплодуваат средствата, кај вработени со стаж од пет до десет години исплатливоста зависи од тоа на која возраст се, додека на оние со над десет години стаж поисплатливо им е да останат во постоечкиот Фонд за пензиско и инвалидско осигурување.


Ристе НЕДАНОВСКИ