Националното координативно тело за инфективни болести во Црна Гора (НКТ) донесе нови мерки.

Според нив, од денеска па во наредните седум дена во Подгорица задолжително е да се носат маски на затворено, но и на отворено.

Најголем број од заразените со Ковид-19 се регистрирани во главниот град на земјата, а новата мерка важи и за деца постари од седум години, пренесува подгоричкиот портал „Вијести“.

Според новите мерки, можно е да се соберат најмногу 40 лица на отворени јавни места, а до 20 лица на затворени, а корегирани се и мерките за угостителите, така што максимум двајца гости ќе можат да седат на маса во објектот, а до четворица на терасата.

Како што се наведува, не е дозволено собирање на шанкот.

По едно лице на 10 квадратни метри ќе може да престојува во спортските сали и фитнес центри, но не повеќе од 20 лица истовремено.

Маските се задолжителни за вработените и патниците во јавниот превоз, за ​​време на транспорт на вработени во возила за сопствени потреби, како и за возачите и патниците во патничко моторно возило, освен за членови на исто семејство.

НКТ им препорача на сите верски заедници верските обреди во Црна Гора да се извршуваат без присуство на граѓани во верските објекти.

извор: Makfax