Осврнувајќи се на најзначајните проекти спроведени самостојно или партнерски, Чадиев најави дека во 2017 година општинскиот буџет за образованието е зголемен скоро 2,5 пати и изнесува 15 милиони денари.

– Во 2016 година ССОУ „Коле Неделковски” во Велес доби нова фасада. Проектот чинеше 2,8 милиони денари. Во спортската сала се постави нов систем за ладење и греење. Целокупниот зафат во кој беа вклучени и помали инвестиции изнесуваше скоро 1,6 милиони денари.
Целосно ново основно училиште изградивме во село Сливник. Сега околу 200 деца учат во современи училници, со нови клупи, столчиња, табли и друг вид на инвентар. Инвестицијата е во висина од 5,3 милиони денари, информира Чадиев.

Според него, енергетската ефикасност во училишата е еден од приоритетите. Затоа, освен фасади, се поставени и нови ПВЦ прозори во дел од училниците во ООУ „Блаже Конески” за што општината издвои 22 илјади евра, а се набави и нов парен котел во ООУ „СВ. Кирил и Методиј”.

Градоначалникот потсети дека почнаа активностите за промена на покривот на поранешното училиште „ЈХК Џинот”, објект во кој сега е сместен Ресурсниот центар за лицата со оштетен вид, а во иднина се планира дел од него да биде адаптиран во уште еден клон на градинките. Вкупните финансиски средства за целиот проект се во висина од 2,5 милиони денари.

Во средношколскиот ученички дом „Лазар Лазаревски” каде престојуваат учениците од другите општини, се реконстурирани терасите во спалните соби, а набавени се и нови душеци за сите легла.

– Од планираните средства за 2017 година, 6,6 милиони се наменети за инвестиции, а останатите за проекти и други активности во образовните институции. За споредба, во 2016 буџетот за образование изнесуваше 6,8 милиони денари. Наскоро ќе почнеме со реконструкција на дел од училиштето во село Клуковец, најави Чадиев.

Информира и дека со помош на Министерството за образование се изврши целосна реконструкција на гимназијата „Кочо Рацин” и на ООУ „Св. Кирил и Методиј”, проекти вредни 37,5 милиони денари.

Целосно е реконструирана котларата во ССОУ „Димитрија Чуповски” и во гимназијата „Кочо Рацин”. – Реновираниот топловоден систем овозможи подобри услови за настава на 1.600 средношколци. Затоплувањето е еден од приоритети на локалната самоуправа, затоа се изврши и реконструкција на топловидните системи во ООУ „Васил Главинов”, ООУ „Благој Кирков”, ООУ „ЈХК Џинот”, ООУ „Блаже Конески” и ПОУ „Маца Овчарова”. Во ООУ „Васил Главинов”, додаде. поставија лифт и адаптираа еден од тоалетите за лица со посебни потреби а инвестицијата е вредна над 35.000 евра, додаде Чадиев.

Образованието, потенцира, е темел на едно општество. – Вложувањето во младите значи вложување во иднината. Затоа Општина Велес неуморно работи на подобрување на условите во сите образовни институции. Токму ова е начинот на кој ќе продолжиме и во иднина. Пред условите за настава, поквалитено образование и напредок на нашите деца,ние не правиме компромиси, заклучи граданочалникот Чадиев.