На популарната плажа на Јужниот Остров на Нов Зеланд пронајдени се телата на шест бебиња на фоки на кои некој им ги отсекол главите, јавува Би-би-си.

Фоките беа стари само 11 месеци, а во понеделникот, на плажата на градот Крајстчерч, ги пронајде туристички водич.

Одделението за заштита на природата на Нов Зеланд (DOC), чија функција е да се зачува историското и природното наследство на Нов Зеланд, верува дека малите фоки некој ги убил и од брод ги фрлил во морето бидејќи на брегот не се пронајдени главите на овие животни. Таквото однесување е опишано како „сурово и бесчувствително“.

Имајќи предвид дека ваквиот напад е незаконски, бидејќи на Нов Зеланд е забрането да се вознемируваат или повредат фоките, DOC побара од луѓето да се јават ако имаат какви било информации за сторителот на кривичното дело.

Енди Томпсон од DOC , исто така, истакна дека во минатото имало случаи кога рибарите незадоволни од уловот, од фрустрација ги убивале или претепувале фоките.

извор: Makfax