Македонска банка за поддршка на развојот во соработка со германската КФВ банка, а преку три македонски банки и една штедилница, во развојот на малите и средни претпријатија досега имаат пласирано 12,58 милиони евра, што за оваа намена ги обезбеди Германското министерство за економска соработка и развој. Средствата во Македонија се влезени преку две кредитни линии од 6,6 милиони евра, односно 6,2 милиони евра и целосно се искористени.
“Целосно искористување на средствата од двете транши на оваа кредитна линија покажува дека успеавме да го покриеме сегментот на микро претпријатија, кои еден подолг период немаа пристап до изворите на финансирање”, вели Војислав Бислимовски, прв генрален директор на Македонска банка за поддршка на развојот. Овие кредити и натаму ќе бидат достапни за малите и средни претпријатија, бидејќи се работи за риволвинг средства, а фирмите ќе можат до парите да доаѓаат преку “Извозна и Кредитна банка”- Скопје, “Тутунска банка” и “Прокредит банка” како и преку штедилницата “Можности”. Право на користење на овие средства имаат сите приватни претпријатија кои не вработуваат повеќе од сто лица, индивидуални претприемачи од производствената дејност, вклучувајќи и земјоделски преработки, како и услужниот и трговскиот сектор. Максималниот износ на кредитот е 50.000 евра, со рок на отплата до четири години и една година грејс период. Каматните стапки се движат од 11 до 17 отсто на годишно ниво. Според статистиката, до сега просечен износ на средства што ги барале малите и средни претпријатија изнесува 3.900 евра. Најоголеми корисници се од трговската и услужната дејност за финансирање во машини и опрема.
“Ова е една од поголемите кредитни линии во Македонија што се реализира преку германско-македонскиот фонд. Преку оваа линија околу 4.000 кредити беа насочени кон мали и средни претпријатија до крајот на минатата година”, вели Кристијан Литке, прв човек на КФВ за Македонија.
Инаку, Германската влада до крајот на минатата година одобри вкупно 95 милиони евра за повеќе инвестициски проекти во Македонија. Средствата главно се насочени во третманот на отпадни води и заштита на животна средина, на третманот на водоснабдувањето, како и за малите и средни претпријатија.


Во Радо банка “заглавени” 105 милиони денари
“Македонска банка за поддршка на развојот” преку “Радо банка”, која од неодамна е во стечај, има пласирано околу 105 милиони денари за мали и средни претпријатија, депоненти на Радо. Како што вели Бислимовски, сервисирањето на овие кредити од крајните корисници, најверојатно, ќе ги преземе оваа банка или, пак, ќе се одреди друга банка, но факт е дека овие средства ќе се наплатат, бидејќи се покриени со стопроцентен залог. Деталите за наплата на овие кредити од крајните корисници ќе се знаат, веројатно, по првото стечајно рочиште за “Радо банка”, закажано за септември.


Весна М.БОЖИНОВСКА