“Заеднички интерес е покажан во седум области и тоа модернизацијата на производството и диструбуцијата на електричната енергија, железницата, телекомуникациската мрежа, медицинскиот и безбедносниот сектор, информатичката технологија и третманот на води”, рече министерот за економија Фатмир Бесими по средбата на директорот на Сименс за регионов и Република Грција, Михаил Кристофоракис со премиерот Владо Бучковски. Тој рече дека за реализација на овие активности ќе се формираат работни групи во рамките на министерствата што ќе бидат координирани од Владата, со што и официјално почна имплементацијата на потпишаниот Меморандум за соработка меѓу македонската Влада и оваа светски позната компанија за инфраструктурни и индустриски проекти во државава.
“Во првата фаза на проектот, која би требало да заврши во октомври, треба да се дефинира тежиштето, а во втората фаза, која би требало да се реализира во март, треба да се работи на фино планирање на проектите”, нагласи Кристофоракис. Тој рече дека знаењето и искуството на своите експерти, “Сименс” го користи за работење на проекти во други држави, додавајќи дека компанијата има 150-годишна традиција и 430 илјади вработени во 190 држави. (З.П.)