Вчера беа регистрирани 815 нови случаи на КОВИД-19 и  396 оздравени пациенти, соопштија од миннистерството за здравство од каде што додаваат дека за жал 20 лица ја загубија битката со вирусот.

Според министерот за здравство Венко Филипче бројот на пациенти кои се примаат во болниците се намалува. Филипче рече дека се очекува новите рестриктивни мерки што ќе важат до 20 јануари ќе дадат уште подобри резултати, но и дека граѓаните со својата свест и совест треба сериозно да им помогнат на здравствените работници.

На инфективните одделенија и ковид-центрите во болниците, според вчерашната статистика на Министерството за здравство, се лекуваат 1238 пациенти позитивни и сомнителни на коронавирусот – 470 се во Скопје и 768 во болниците во другите градови. Од 470-те хоспитализирани во главниот град, 186 лежат во ковид-центрите на интерните клиники, 144 на Инфективната клиника, 102 во ГОБ „8 Септември“ и 38 во Институтот за белодробни заболувања кај деца – Козле.

За едно деноноќие, според податоците од вчера, во ковид-центрите во Скопје биле хоспитализирани 36 пациенти поради компликации од коронавирусот. На интерните клиники биле примени 14, а во ГОБ „8 Септември“ и на Инфективната клиника по 11 нови пациенти. На домашно лекување, пак, биле пуштени 39 оздравени пациенти од скопските болници.

Според информацијата на Министерството за здравство од вчера, има околу 270 празни болнички кревети во ковид-центрите, но тој број, како што напомна, е променлив од час во час зашто во текот на денот има приеми, но и исписи на оздравени пациенти, со што се ослободуваат дополнителни легла.

За две до три недели се очекува да биде изградена модуларна болница – инфективно одделение во Кавадарци. На предлог на кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев, Фондацијата „Никола Јанчев” донираше милион денари за болницата во Кавадарци кои се наменети за централна кислородна станица во модуларната болница.

Министерството за здравство вчера повика на хуманост од оздравените пациенти кои ги исполнуваат условите, да закажат во Институтот за трансфузиска медицина дарување конвалесцентна плазма која овозможува да се спаси живот.  Повеќе од 400 пациенти со КОВИД-19 досега се третирани со плазма од вкупно  449 дарители – оздравени пациенти, чии антитела се користат за сузбивање на болеста кај друг болен од КОВИД-19.

Институтот обезбедил 502 единици конвалесцентна плазма за третман на заразени пациенти, од кои 399 единици преку стандардно дарување и 103 преку аферезна процедура од вкупно 48 донори.

Вкупниот број на ковид-дијагностицирани во земјава од почетокот на епидемијата достигна 77 949, оздравени се 53 345, битката со коронавирусот ја загубија 2274, а активни во моментов се 22.330 лица. Досега се направени 379 229 тестирања на КОВИД-19.  По градови состојбата е следна

• Скопје 33643,  активни 11956

• Куманово 4448, активни 622

• Дебар 586, активни 171

• Штип 3177, активни 412

• Прилеп 3914, активни 880

• Тетово 4587, активни 1009

• Струга 1896, активни 440

• Велес 2595, активни 652

• Битола 2849, активни 829

• Охрид 2196, активни 651

• Кавадарци 1863, активни 635

• Гостивар 3220, активни 720

• Гевгелија 1035, активни 318 (70 лица од ПЕ Гевгелија се жители на Дојран, 176 на Богданци и 12 се странски државјани)

• Струмица 2142, активни 623

• Крива Паланка 562, активни 133

• Радовиш 576, активни 142

• Крушево 154, активни 70

• Кочани 1511, активни 280

• Пробиштип 424, активни 63

• Демир Хисар 227, активни 47

• Македонски Брод 209, активни 36

• Пехчево 128, активни 21

• Берово 468, активни 96

• Валандово 274, активни 60

• Виница 426, активни 103

• Делчево 641, активни 289 (178 лица од ПЕ Делчево се од Македонска Каменица)

• Кратово 181, активни 26

• Свети Николе 1008, активни 162

• Кичево 1500, активни 329

• Ресен 592, активни 169

• Неготино 917, активни 386 (147 лица од ПЕ Неготино се жители на Демир Капија)