Во Македонија постојат породилишта кои немаат вработени гинеколози и тие функционираат само за итни случаи. Ова го покажа анализата направена од Министерството за здравство спроведена во рамките на стратегијата за намалување на смртноста кај новороденчињата.

Во рамки на стратегијата, Министерството за здравство и Фондот за население на Обединетите Нации доделија околу 100 илјади долари за годинава, пари кои треба да се потрошат за одредени мерки со кои се очекува состојбата да се подобри.

„Ако сакаме резултати за подобрување на состојбата на бремените жени и децата, пристапот на квалитетна нега за бремените и породувањата треба да биде мултидисциплинарен. Ова подразбира вклучување на здравствени работници како гинеколози, неонатолози, акушери, медицински сестри, а исто така и родителите, таткото и мајката”, изјави Јан Мекфарлан, регионален директор на УНФПА.

Македонија е на врвот на светската листа за смртност на новороденчиња. Во регионот земјава е прва. Според официјалните податоци, во првите три месеци од годинава на Клиниката за гинекологија во Скопје починале 35 новороденчиња од вкупно 1.155 новородени.