Во изминатите 24 часа во ковид-центрите во земјава е пријавено дека се лекуваат 702 пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот, соопшти Министерството за здравство.

Во болниците во внатрешноста има околу 90 слободни болнички кревети, а се прават и исписи на оздравени пациенти со што ќе се ослободат дополнителни легла.

По извештаите на болниците кои пристигнуваат во Министерството за здравство на дневна основа, во болницата во Битола се хоспитализирани 75 пациенти позитивни и сомнителни на ковид-19. Во болницата во Штип се хоспитализирани 58 пациенти.

На инфективното одделение во Тетово има 48 пациент, во Велес се лекуваат 67 болни, а во Куманово 73 пациенти позитивни на ковид 19.

Во ковид-центарот во Охрид има хоспитализирано 95 пациенти, во Прилеп 91, во ковид центарот во Гостивар 42, а во Струга 30 позитивни и ковид суспектни пациенти. Во болницата во Струмица лежат 30 пацинети, во Кочани 23, во Кичево 20, Кавадарци 39, а во Гевгелија 11 лица позитивни на корона вирусот.

Од МЗ наведуваат дека бројките се менуваат од час во час, според направените приеми и исписи на пациенти.

Од Министерстовото велат дека сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород.

„И покрај големиот наплив на пациенти во изминативе десетина дена, Министерството за здравство е во постојан контакт со сите болници и доколку има потреба, капацитетите на ковид одделенијата ќе бидат дополнително проширени“, се наведува во соопштението.

извор: Makfax