Во изминатите 24 часа во ковид-центрите во Скопје хоспитализрани се 42 нови пациенти поради компликации од коронавирусот. Вкупно 463 лица сомнителни и потврдени на Ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град, соопшти Министерството за здравство. Голем дел од нив е на кислородна поддршка.

Во последното деноноќие на интерните клиники имало вкупно 21 прием, и тоа петмина пациенти биле хоспитализрани на Институтот за белодробни заболувања и ТБЦ, четворица во ковид-центарот на Клиниката за неврологија, тројца болни се хоспитализрани на Клиниката за дерматовенерологија, еден на Клиниката за гастроентерохепатологија, еден на Клиниката за очни болести, еден пациент на Клиниката за нефрологија и шестмина во новиот центар на Клиниката за уво, нос и грло. Во ковид-центарот во ГОБ 8 „Септември“ имало 11 нови приеми на пациенти, а на Инфективната клиника се примени 10 нови болни во текот на вчерашниот ден.

Во изминатите 24 часа дома се пуштени 30 оздравени пациенти.

Во моментот на Кожната клиника во ковид-центарот се лекуваат 24 пациенти, на Клиниката за неврологија 36 болни, а на Институтот за ТБЦ се примени вкупно 46 пациенти со симтоми на коронавирусот, на Клиниката за гастроентерохепатологија се лекуваат вкупно 26 лица, во ковид-центарот на Клиниката за нефрологија во моментот се сместени 25 пациенти, а на Клиниката за очни болести 12 пациенти. Од вчера е отворен и ковид-центарот на Клиниката за уво, нос и грло со капацитет од 40 кревети, а примени се шест пациенти.

Во ГОБ „8 Септември“ има вкупно 102 болни, на Клиниката за инфективни болести лежат 154 пациенти, а на Иститутот за белодробни заболувања кај децата во Козле има 32 пациенти, од кои 11 деца и 21 возрасен.

„И покрај големиот број приеми во текот на вчерашниот ден, утрово, до 8 часот, имало 60-ина слободни места, а се очекува во тек на денот, по направените исписи на оздравените пациенти, да се ослободат и дополнителни места и на Клиниката за инфективни болести и во ГОБ „8 Септември“. Сите инфективни одделенија имаат довод на кислород и може да згрижат пациенти што имат потреба од кислородна поддршка“, велат од МЗ.

извор: Makfax