Европската комисија издаде условна дозвола за ставање во промет на лекот „ремдесивир“, кој стана првиот медикамент за лекување на Ковид-19 со дозвола на ниво на Европската Унија.

Брисел изјавува дека одобрувањето за „ремдесивир“ е издадено по забрзана постапка по препораката на Европската агенција за лекови, која исто така беше усвоена од земјите членки на ЕУ.

Се додава дека издавањето на одобрението траело само една недела од препораката на Европската агенција за лекови, во споредба со вообичаените 67 дена колку што на Европската комисија обично и се потребни за да одобри некој производ.

Комесарот за здравство, Стела Киријакидес потенцира дека ова е значаен чекор во борбата против вирусот.

„Фактот што дадовме одобрување помалку од еден месец по барањето покажува колку е подготвена ЕУ да реагира што е можно побргу кога ќе се појави нов лек“, изјави Киријакидес.

Комисијата наведува дека на „ремдесивир“ сега му е дозволен условен промет, што е еден од механизмите на ЕУ направени за да се обезбеди ран пристап до лекови потребни за одговор на итни случаи како што е тековната пандемија.

извор: Makfax