Велигденските празници во Дојран, покрај локалните жители, ќе ги поминат голем дел од сопствениците на викендици со своите семејства, кои и покрај препораките за седење дома, во текот на денешниот ден пристигнаа во своите викендици. Ова го истакна градоначалникот на Дојран Анго Ангов и посочи дека гости има во околу 75 отсто од викендиците во Дојран или дојдени се за празниците околу 3.000 гости кои не ги почитувале препораките за седење дома од причина што миграцијата од град во град е една од опасностите за ширење на вирусот Ковид-19.

Ангов изрази огорченост од фактот што голем дел од викендашите денешното убаво време го користеле за шетање по рекреативната патека долж езерото, не почитувајќи ги мерките на Општинскиот кризен штаб со кои патеката е забранета за употреба,а со тоа ниту владините мерки за заштита на населението од ширење на корона вирусот.

Дојранскиот градоначалник упати апел до рекреативците и гостите да ја напуштат патеката која беше заградена со ленти, но очигледно недисциплинираните гости тоа нема да го сторат до почетокот на полицискиот час.