Во Дебар во последното деноноќие регистрирано е едно новозаразено лице со Ковид-19 или вкупно 30 случаи во овој месец, додека вкупната бројка на заразени од почетокот на пандемијата изнесува 228 лица.

– Во првата фаза од болеста имавме 51 заразено лице, од нив 47 се излекуваа додека, за жал, четворица починаа. Во оваа фаза возрасната граница во просек беше над 50 години и повеќето од заболените беа од женскиот пол. Остнатите 177 се во втората фаза, повеќето се од машки пол, а просечната возрасна граница е помала, бидејќи имавме пациенти од помладата популација, меѓу нив и едно тримесечно бебе, изјави за медиумите епидемилогот Метор Меља, раководител на дебарската работна единица на Центарот за јавно здравје, која со својата активност ја покрива и општина Центар Жупа.

Од почетокот на пандемијата до сега направени се над 1.100 тестови на сомнителни случаи, позитивни се 228, битката со опасниот вирус ја добиле 152, а ја изгубиле осум пациенти.

Активни на болеста се 68, поголемиот процент со лесна форма на болеста и се лекуваат во домашни услови со посета на матичен лекар, дел се лекуваат амбулантски во Општата болница во Дебар, а само неколку се хоспитализирани во здравствени установи во Скопје.

– Апелирам на строго почитување на препораките, одржување на хигиена, физичка дистанца и пред се носење заштитна маска која е најдобрата превентивна заштита од опасниот вирус, порачува Меља.

Според статистичките податоци, пак, на Одделенито за внатрешни работи во Дебар, на подрачјето кое тоа го покрива, во изминатото деноноќие, полициските службеници на 18 лица им издале прекршочни платни налози за неносење заштитна маска.