Денешното пристигнување на повеќе од 4.200 бегалци во Пиреја со два брода од Лезбос, само привремено го олеснува притисокот врз ограничените средства на островот, но во исто време ја зголемува загриженоста во Атина.

Властите на Лезбос регистрирале 17.500 бегалци и имигранти во текот на изминатата недела, и иако повеќето од нив се пренесуваат во Атина, тоа значи само мало олеснување, со оглед на тоа што стотици други пристигнуваат секој ден.

Иако повеќето бегалци заминуваат кон границата со Македонија, некои остануваат во Атина. Плоштадот „Викторија” во центарот на градот стана популарно место на кое се собираат бегалците.

Градоначалникот на Атина Јоргос Каминис денеска треба да се сретне во времениот министер за имиграција Јанис Музалас за да разговараат за ова прашање. Европскиот комесар за миграции Димитрис Аврамопулос в четврток се очекува да пристигне во Грција.

Грчкиот претседател Прокопис Павлопулос, во телефонски разговор со францускиот претседател Франсоа Оланд, му ја објасни големината на проблемот со кој се соочува Грција.

Медитеранот годинава го поминале повеќе од 350.000 мигранти, додека 2.600 ги загубиле животите за време на патувањето, соопшти Меѓународната организација за миграција.

Најновите бројки од ИОМ покажуваат дека 234.778 мигранти дошле во Грција и уште 114.276 во Италија, додека во Шпанија влегле 2.166, а на островот Малта 94 мигранти.

Иако има уште неколку месеци до крајот на годинава, бројките веќе ги надминуваат оние од 2014, кога во Грција во текот на целата година дошле 219.000 бегалци.