Светскиот шампион во Формула 1 Ферари е обвинет за измама. Конкурентите на италијанскиот тим ја алармираа ФИА дека во болидот на “скудеријата” има забранета технологија. Скандалот избувна на неколку часа пред неделната Гран-при трка за Големата награда на Јапонија, тврди германскиот весник “Билд”. Во обвинението се тврди дека засилената технологија е сместена во резервоарот, меѓу местото за пилотот и моторот во колата на Михаел Шумахер. Во Формула 1 е недозволено користење на специјални капаци, наречени “каскади”, коишто го органичуваат дотурот на бензинот и дозволуваат тој да се задржи максимално долго во средината на резервоарот. Според конкурентите во болидот на Шумахер се монтирани дополнителни, нерегуларни капаци, кои дозволуваат при десен свиок горивото да притиска на десната страна на резервоарот и обратно. На тој начин се постигнува дополнителна стабилност на свиоците и се намалува можноста болидот да излета од патеката. Стручњаците коментираат дека таа технологија не е нова во Формула 1. Пред 1986 година таа за првпат се појави во болидот на Бенетон. Тогаш главниот дизајнер беше Рори Брни. Во последниве години тој работи за Ферари. Засега нема официјални реакции од тимот на Ферари, ниту од ФИА.