Речиси 1.300 нови случаи на зараза со коронавирус беа потврдени во Босна и Херцеговина во саботата, а 49 лица починаа, вклучувајќи го и поранешниот премиер Хасан Муратовиќ.

За време на војната во БиХ, тој беше министер во повеќе влади, и премиер во периодот од 1996 до 1997 година. Потоа беше назначен за амбасадор на неговата земја во Хрватска, по што се посвети на својата академска кариера и беше ректор на Универзитетот во Сараево.

Само во болниците во Сараево, во моментов се лекуваат повеќе од 360 лица со Ковид-19, а над 6.000 лица се заразени во главниот град на БиХ.

Од избувнувањето на епидемијата во март, 1.858 лица починаа како резултат на зараза со коронавирус во БиХ, а потврдени се повеќе од 71.000 случаи на заразени.

извор: Makfax