Од вчера локалната самоуправа ја почна и акцијата за избор и наградување на најубаво украсените приватни и јавни објекти.

Од Секторот за односи со јавност информираат дека пријавувањето и мониторингот ќе се вршат до 29 декември, а потоа посебна комисија ќе ги оцени и ќе ги награди најдобрите.

– Битолчани секоја година покажуваат извонредна креативна моќ при украсувањето на своите куќи, дворови, балкони, прозорци, но исто така и јавните институции се верни на традицијата. Фотографиите од украсените објекти ги очекуваме до 29 декември, а потоа градоначалникот Талески ќе ги додели наградите за најдобро украсени куќи и дворови, станбени згради и балкони. Награди ќе има и за новогодишно украсени институции и угостителски објекти, истакна Цветанка Ристевска, советник за односи со јавност.

Според статистичките показатели на локалната самоуправа, во изминатите години најголем дел од граѓаните и институциите самоиницијативно учествувале во изборот на најубаво новогодишно-божиќно украсување, но не е мал бројот и на лица кои препорачале украсени објекти на кои им се воодушевуваат битолчани и гости во овој град.