Вардар успеа да му се реваншира на Пелистер К. за поразот во Битола (40:30), во првиот натпревар од плеј офот за државен првак, совладувајќи го со 34:31 (17:14), во натпревар со многу динамика, борбеност, добри одбрани на голманите, но и со извонредна презентација на нашиот најдобар играч на векот, Пепи Манасков. Пепи се претстави во бриталијантно светло, постигна 17 голови и беше милина да се гледаат неговите убави потези и ефектни голови кои како проектил ја тресеа мрежата на исто така солидниот голман на Вардар, Петковски. Тој уште еднаш покажа дека е во извонредна форма и пример за младите како треба да се игра и како треба да се бранат боите на својот клуб. Самиот натпревар мина во доминција на Вардар, кој во првото полувреме мака мачеше како резултатски да се одлепи, зашто битолчани преку Манасков постојано ги казнуваа грешките на “црвено-црните” и го израмнуваа резултатот. Дури во самиот финиш на првите 30 минути, Вардар поведе со 13:10 (24 мин.), а со плус три замина и на одмор (17:14). Второто полувреме мина во апсолутна доминација на Вардар, кој преку младиот и разигран Недановски од левокрилната позиција лесно ја погодуваше мрежата на Ангелов, а потоа Кајгаиќ ги намести нишанските справи и Вардар стигна до 30:22 (46 мин.) и беше близу да ја анулира “десетката” на Пелистер К. од Битола. Тогаш тренерот Стојан Петрушевски ги врати на клупата Стојановиќ и Колев, но во меѓувреме се повреди и Недановски и Пелистер преку Манасков на крајот, сепак, се избори за чесен пораз. Втората полуфинална средба од плеј офот се играше синоќа во Богданци меѓу Младост и скопски Металург, а металурзите во првиот натпревар во Автокоманда победија со 26:22. Ако има трет натпервар меѓу овие противници тој се игра, исто така, в среда, во Скопје.


Вилизар ПАВЛОВ