Македонскиот фудбал повторно е заплиснат од бранови за промени. Девет Општински фудбалски сојузи, членки на Фудбалската федерација на Македонија покренаа иницијатива за смена на претседателот на ФФМ Хари Хаџи-Ристески и неговиот Управен одбор. За таа цел тие закажаа Вонредно собрание на ФФМ за 2 март, а местото на одржувањето ќе биде одредено дополнително.

Вчера претставниците на ОФС на Кичево, Битола, Демир Хисар, Охрид, Гостивар, Тетово, Пробиштип, Липково и Валандово ги запознаа новинарите со она што го имаат преземено досега. Тие на 17 јануари годинава до ФФМ поднеле инцијатива по писмен пат за свикување Вонредно собрание. Причината за ваквиот чекор тие ја образложија со непочитувањето на препораките на ФИФА и УЕФА од писмото испратено на 20 јули 2007, каде му се наложува на претседателот на ФФМ да свика Собрание најдоцна до крајот на изминатата година, грубо кршење на Статутот на ФФМ со донесување нов Статут, без одржано Собрание, како и изборот на Хаџи-Ристески, бидејќи за време на именувањето бил кривично осуден со правосилна одлука, па не можел да биде биран за претседател. Направена е и злоупотреба на донацијата на Пума, официјалниот спонзор на сите селекции, со опрема порачана од ФФМ и произведена во Прилеп од неовластен производител на брендот Пума.

Досега нема никаков одговор од ФФМ на ова барање, па согласно Статутот на ФФМ, по рокот од 45 дена, иницијаторите самоиницијативно го закажуваат Вонредното собрание на ФФМ.

Сепак, од Иницијативниот одбор се подготвени на разговор со челницита на ФФМ и се согласни куќата на фудбалот да го свика и организира Собранието на кое на дневен ред исклучиво ќе се гласа за доверба на Хаџи-Ристески. Ако делегатите му ја изгласаат, тие се подготвени да му подадат рака.

(Б.Т.)
ФОТО: Наќе БАТЕВ