Градоначалникот на Ѓорче Петров Александар Наумоски сака да гради Корзо. Ова е местото кое веќе започнал да го копа. Тука имаше фонтана. Таа најпрво ја затрупаа со земја, па ја извадија. 

 

Скица на корзото

 

 

Имаше фонтана, ја затрупаа па ја извадија

 

Имаше фонтана, ја затрупаа па ја извадија

Во предлог одлуката која сака да ја помине на Советот на општина Ѓорче Петров, Наумоски тврди дека шеталиште е капитален проект за општината, која нема ниедна градинка, нема атмосферска канализација, не се асфалтирани сите улици, нема гасификација, а и намалени се платите на наставниците.
 

 

За да го изгради корзото, сака да ја задолжи општината кај Светска банка 235.000 евра, плус сака да извади од општинската каса 100.000 евра.

 

–  Нагласуваме дека вредноста на проектот (проектански цени) чини 32.582.822 денари, така што нашите средства се само за првата фаза, додека за останатите средства општината аплицираше во повеќе институции меѓу кои и до Министерството за Финансии. Висината на средствата што очекуваме да ни ги одобрат е 14.452.500 денара. Овие средства ќе се користат за уредување на КОРЗОТО втора фаза, односно поплочување на целата површина, уредување на површините за јавни собири и  изградба на два павиљона (конструкција). Преостанатите уредувања како: поставување на клупи, улично осветлување и хортикултурно уредување ќе се работат во третата фаза за која ќе треба да се обезбедат дополнителни средства, пишува Наумоски во предлог одлуката која сака да му помине на Советот.

 

За истата седница, тој сака да му помине и одлука за вработувања во општината, која и онака е пренатрупана со партиска администрација. Во моментов има 76 вработени, сака до крај на годинава да вработи уште 10, а за догодина планирани му се 8 нови вработувања.

Во планот на нови вработувања, градоначалникот планира да им исплаќа 10 плати годишно (а годината има 12 месеци).  Планираните нови вработувања во Општината се во време кога владејачките структури ветуваат намалување на бројот на администрацијата.

 

Градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Наумоски, годинава  зема повисока плата, која сам си ја покачи за 4.100 денари и изнесува 65.000 денари месечно, без пресметани давачки за пензиско и здравствено осигурување. Вклучително со овие давачки, на годишно ниво произлегува дека од буџетот на Општината ќе се одвојуваат 1,5 милион денари за градоначалничката плата.

 

 

За само една година на функцијата градоначалник, Александар Наумоски кој се врати од Канада за да ја спасува Македонија, во јануари годинава, со градоначалничката плата, си се поднови со нов лускузен џип „БМВ Х5“ вреден неколку десетици илјади евра. Неколоку дена претходно, градоначалникот Наумовски мудруваше на социјалните мрежи повикувајќи ги граѓаните да користат јавен превоз за да стигнат до нивните „работни места, кафани и ресторани“. Наумовски се вози во џип кој троши 15-тина литри нафта, и загадува колку два автобуси.

 

 

 

 

Додека си ја зголеми својата и платата на општинарите, Наумоски ниту годинава ниту за догодина не предвидел повеќе пари за нови градинки, реконструкција на објекти, нови капитални проекти, зголемување на платите на вработените во градинките и училиштата, списанија, весници, униформи. Годинава, за 740 илјади денари се намалени и парите за наставно-образовни помагала, односно клупи, столчиња, табли итн.

Тој во изборната кампања вети две нови градинки, едната во Ново Село, другата во Волково. Градинката во Волково, според програмата, треба да биде готова до 2020 година, но во буџетот нема издвоено пари за оваа намена. Ставката за подготвување проекти на деловни објекти и изградба на деловни објекти изнесува 0 денари.

Наумоски вети и развој на театарска уметност, односно театар и можност за кино во општината, и тоа треба да го реализира до 2020 година, но досега ништо од ова не е реализирано. За добивањето гласови во предизборието, Наумоски беше дециден дека во Ѓорче Петров ќе има отворен и затворен базен, во програмата пишува дека изградбата ќе тече континуирано, но и од тоа засега ништо не е остварено.

 

 

Иако во текот на минатата година Ѓорче Петров имаше проблем со загадениот воздух, Наумоски реши да ја намали сумата за одржување зелени површини и наместо 1 милион денари, таа изнесува 500 илјади денари.

Додели маркици за изградба на станбени згради среде парк, со што дополнително го намали зеленилото во општината.

 

 

Општина Ѓорче Петров се соочува и со други поголеми проблеми. Во предизборието градоначалникот Наумоски ветуваше гасификација на општината, а повеќето од жителите немаат ниту атмосферска канализација. Улиците во некои од населените места не се асфалтирани, а други се со дотрајан асфалт и дупки со вирови. Жителите се револтирани и велат дека со години одат по кал за да стигнат до дома, а возејќи по дупките, си ги уништуваат автомобилите. На Ѓорче Петров му недостигаат и градинки, но засега останува само најавата од предизборието, реализацијата ќе почека.

 

 

Во декември 2018 година, за роковници со тврда корица, вештачка кожа и ластик, ѕидни календари со логото на општината, но и со верски обележја, општината Ѓорче Петров потроши 800.000 денари, односно во евра изнесува околу 13 илјади.

 

 

Неговиот братучед Мирослав Наумоски од нова година си го вработија во Централен регистар. Градоначалникот Наумоски тврди дека немал никаков влијание за неговиот братучед да биде вработен, а запрашан на која работна позиција е поставен, тој вели: „Не знам. Не сме се виделе одамна, поради обврските“. Претходно, во периодот 2004-2005 година и градоначалникот Александар Наумоски работеше во Централниот регистар.

 

 

Градоначалникот како кандидат на СДСМ за челната функција во оваа Општина, за локалните избори (15.10.2017 г.) вети „бесплатна ужина и бесплатен полудневен излет за учениците до петто одделение “.  Добија само првоодделенците.