По забраната за учество на припадниците на вооружените сили во литиите во знак на протест против Законот за слобода на вероисповедта, воениот врв на Црна Гора е во потрага по надворешни сојузници во борбата за контрола на сопствениот народ, пренесува „Вечерње новости“.

Началникот на Генералштабот на војската на Црна Гора, бригадниот генерал Драгутин Дакиќ, на почетокот од месецов ја посетил командата на КФОР во Приштина, каде што повторно ја обвинил Србија дека стои зад масовните граѓански протести во целата земја.

Дакиќ, според сознанијата на „Вечерње новости“, во разговорот со командантот на КФОР, италијанскиот генерал Микеле Риси, признал дека постои криза, но дека основната идеја зад спорниот закон е црковните имоти подеднакво да ги користат епархиите на СПЦ и на канонски непризнатата Црногорска црква.

Дакиќ во Приштина дошол на чело на делегација, но со Риси се сретнал во четири очи и немало никакво соопштение за јавноста од нивната средба.

Познавачите на безбедносните услови во регионот го толкуваат овој потег на воениот врв на Црна Гора како гест за обезбедување поддршка од НАТО во случај на ескалација на црковната криза.

извор: Makfax