МИТ Универзитетот запишува студенти на десет факултети, а речиси половина не се акредитирани. Практично запишувањето на студенти на повеќето факултети е нелегално. На студентите им се земаат парите, но за тоа не добиваат ништо, односно само се оштетени. Резултатот е невалидна диплома, јави телевизија Сител.

Или МИТ Универзитетот како составни единици има пријавено десет. Истите можат да се видат на веб страницата на универзитетот. Станува збор за Економски факултет, Факултети за архитектура, за комјутерски науки и технологии, за менаџмент на еколошки ресурси, за психологија, за безбедност, за дентална медицина, за правни науки, за меѓународни односи и дипломатија, како и Воздухопловен колеџ и Колеџ за медицинска козметологија и физиотерапија.

На веб страницата на Министерството за образование и наука, пак, како акредитирани факултети од овој универзитет се наведени само следните: Факултет за информациски технологии, за менаџмент, за архитектура, за менаџмент на еколошки ресурси, за еколошки и рурален туризам, како и Академија за гастрономија.

Тоа значи дека запишувањето не само на Факултетот за дентална медицина како што објави телевизија Сител, туку и на останатите факултети како оној за психологија, за безбедност, Воздухопловен колеџ, како и на Колеџот за медицинска козметологија и физиотерапија не е легално.

Нелегалната работа на високообразовните институции е казнива според членот 167 од Законот за високо образование. Казните се движат од 2.000 до 100.000 евра во зависност од прекршокот.
Надлежните велат дека е недозволиво запишување на студенти на студиски програми кои не се акредитирани. Притоа додаваат дека по секоја информација се постапува, односно се прави надзор. Потоа доколку се констатираат неправилности се постапува согласно законот, односно се изрекува казна соодветна за прекршокот.

На веб страницата на МИТ, со ѕвездичка се обележани новиот Факултет по дентална медицина, односно стоматологија, како и Колеџ за медицинска козметологија и физиотерапија. Притоа истакнато е дека програмите ги исполнуваат сите европски стандарди.

На веб страницата на МИТ, со ѕвездичка стои дека универзитетот има нов Факултет и студиска програма по дентална медицина, односно стоматологија. Од таму истакнуваат дека програмата ги исполнува сите европски стандарди.

Член на Одборот за акредитација за Сител го негираше ова и вели дека се до 31 мај, МИТ нема добиено акредитација за студиската програма по стоматологија. На 31 завршил мандатот на членовите на Одборот, а се уште не се избрани нови, што значи во овој момент е стопирано издавањето на акредитација.

Сепак студенти запишуваат. Девојка која е заинтересирана за оваа програма се јави на официјалниот телефонски број на универзитетот да се рапраша околу студиите. Вработената во МИТ во разговорот и ја кажа и цената на година студирање.

Во Министерството за образование, како акредитирани за студии по стоматологија стојат само државните факултети на Универзитетите “Свети Кирил и Методиј” и “Гоце Делчев” и приватниот “Европски Универзитет”. И покрај ова, од МИТ на идната студентка и рекоа дека уписите по стоматологија се во тек.

И покрај тоа што немаат акредитација за стоматологија, од МИТ почнале да запишуваат и студенти од Турција, на кои им велат дека факултетот ги исполнува сите услови, а ќе имаат и предавања на турски.

Како што објави телевизија Сител оваа практика не е нова. Телевизијата има и документи кои го покажуваат ова, односно дека МИТ Универзитетот ја има оваа практика од поодамна. Се работи за судски процес со студент кој во 2011 се запишал на Факултетот за безбедност, криминалистика и финансиска контрола. Кога дознал дека универзитетот нема акредитација за студиската програма, решил да се откаже од оваа студиска програма, за која МИТ добил акредитација дури во декември 2012 година. Во судскиот процес МИТ бара од студентот да им ја плати партиципацијата.
За сите отворени прашања, од Универзитетот МИТ упатуваат на нивната веб страница.

Факултети на МИТ Универзитетот објавени на нивната веб страница

Економски факултет
Факултет за архитектура
Факултет за компјутерски науки и технологии
Факултет за менаџмент на еколошки ресурси
Факултет за психологија
Факултет за безбедност
Факултет за дентална медицина
Факултет за правни науки, меѓународни односи и дипломатија
Воздухопловен колеџ
Колеџ за медицинска козметологија и физиотерапија

Факултети акредитирани од МИТ Универзитет објавени на веб страница на Министерството за образование и наука

Факултет за информациски технологии
Факултет за менаџмент
Факултет за архитектура
Факултет за менаџмент на еколошки ресурси
Факултет за еколошки и рурален туризам
Академија за гастрономија (3+2)