Годинава првпат Царината по претходни сознанија, со судски налог и дозвола од Јавниот обвинител направила претрес во куќи, при што се запленети неколку тони алкохол. Ова вчера го соопшти директорот на царинската управа на Македонија, Илија Илоски, кој рече дека и покрај различните коментари од професори на Правниот факултет дека се нарушува приватноста на граѓаните, со новиот Закон за царина, Царината има законски ингеренции да влегува и по домови ако има сериозни индиции дека внатре има прошверцувана стока. Така, се случило по “паѓањето” на 5 тони виски на Табановце, во обид да се прошверцуваат, царинските служби да упаднат во еден приватен магацин во Трубарево, од каде што заплениле 2.800 литри алкохол, виски, бренди, бурбон и кампари. Потоа во приватен магацин кај Кванташки пазар заплениле уште 1.035 литри алкохол, а во Тетово упаднале (по разузнавачки сознанија) во стан каде имале сознанија дека е прошверцувано поголемо количество дрога. Ваквото полициско кондиционирање на царината почна уште за време на директорувањето на Љубомир Михајловски, актуелниот министер за внатрешни работи, но сега е и озаконето, со цел во услови на поголема либерализација на увозот и извозот, од јануари идната година, да се пресретне шверцот и корупцијата. Во делот на акцизните стоки, со најавеното зголемување на цената на цигарите се очекува зголемување на шверцот, но не драстично, изјави на традиционалната прес-конференција првиот цариник на државата. Инаку, според финансиските остварувања, односно наплатата на даноци и акцизи за 2005, Царината оваа буџетска година “ја затвори” уште во ноември. Проекциите од 4,876 милијарди денари ги реализираше до ноември годинава, односно Царината во декември го сработува “гратис” за Буџетот. Со приходите од овој месец ги натфрли проектираните приходи за шест проценти. Инаку, натфрлувањата се случуваат во услови откако царината се откажа уште во јули од дел од приходите во полза на земјоделството и текстилот, кога им се намалија давачките за да се релаксира состојбата во овие стопански гранки.


Паѓаат стоте евра на Царината
Вчера, неколку владини министри од економскиот ресор, Царината и од секторот за евроинтеграции, седнаа да ги “пеглаат” забелешките што ЕУ им го даде уште во првичното мислење пред добивањето на кандидатски статус. Основната забелешка што се однесуваше на царината беше симнување на таксата од 100 евра за сите 11 земји со кои имаме договорени квоти за увоз на првенствено прехранбени стоки. Тоа значи дека веќе на 1 јануари или најдоцна на 1 март, фирмите увознички во Македонија на стоки од ЕУ ЕФТА, Турција, Бугарија, Романија, Украина, Србија и Босна и Херцеговина, нема да ја плаќаат задолжителната давачка од 100 евра. Ова беше барање од ЕУ за намалување на административните такси и бариери во трговската размена.


Виолета ЦВЕТКОВСКА