ВМРО-НП: Купувајте евра!
“Многу е веројатно, би сакале да грешиме, но постојат сериозни индиции дека денарот ќе девалвира во однос на еврото, што ќе доведе до комплетно уништување на платите и пензиите. Со овие поскапувања ќе се отвори инфлациската спирала и во таков случај советот на економската мисла е: “купувајте евра”. Се шпекулира, а тие шпекулации се повеќе и повеќе добиваат на тежина дека ќе се искористи одредена безбедносна криза за девалвирање на денарот”, ова вчера преку својот портпарол Александар Ѓеорѓиев го соопшти ВМРО-Народна партија. Тие сметат дека најновиот бран поскапувања на цените на основните енергетски производи и комуникациски услуги ќе придонесе за дополнително зголемување на сиромаштијата во земјата и ќе ја уништи македонската економија. “Поскапувањата на бензинот, парното греење, телефонскиот импулс, патарините и најавеното зголемување на електричната енергија ќе доведе до поскапување на производите за широка потрошувачка, односно на потрошувачката кошница, што пак ќе резултира со продлабочување на економската рецесија која ќе предизвика инфлаторна спирала”, велат од оваа партија. Повикувајќи се на економски експерти од земјава но и од надвор, тие сметаат дека Народната банка на Македонија нема да може да го одржува курсот на денарот, па од тие причини најавуваат девалвација. За нив безбедносните проблеми во државата, по веќе испробан рецепт на СДСМ, би можеле да се искористат за дефокусирање на јавноста од можната девалвација. Партијата, посочувајќи на големата невработеност, нискиот економски раст, големиот трговски дефицит, малите странски инвестиции, смета дека се пореални се шпекулациите за воведување на меѓународен валутен борд во Македонија, што значи држава во стечај или губење на економската стабилност и суверенитет. “Владата е извонредно неактивна и неинвентивна да оствари економски развој, а шири и демагогија дека ќе влеземе наскоро во Евроската унија”, изјави портпаролот Ѓорѓиев. Ако продолжи растот на цените и економската неактивност, поизвесно станува оти Македонија ќе добие негативен одговор на прашалникот на Европската комисија, бидејќи приоритетен критериум за прием во Унијата е конкурентност на националната економија, порачуваат од ВМРО-Народна партија. Надлежните во државата вчера не сакаа да коментираат вакви констатации на оваа партија со образложение дека се работи за произволности и незнаења.
Информацијата се должи на наши извори, информации што ги имаме и од извори од Меѓународната заедница и конкретно од фактите што се случуваат во Република Македонија. ВМРО – Народна партија смета дека најновиот бран на поскапувања на основни енергетски производи и комуникациски услуги дополнително ќе го исцрпат и осиромашат македонскиот граѓанин и ќе ја уништат македонската економија. Значи, поскапувањето на бензините и цената на телефонските услуги, поскапувањето на парното греење, на патарините, и најавеното зголемување на цената на струјата за нас се податоци на ужасот, кои дефинитивно ќе ја уништат македонската економија. За жал овие зголемени издатоци што граѓаните ќе мора да ги плаќаат во наредниот период не се единствените и за жал, не се најстрашните. Овие производи и услуги што поскапуваат влегуваат во 99 отсто од производите коишто се наменети за широка потрошувачка како импут. Ги предупредуваме македонските граѓани дека врз основа на овие податоци, факт е дека ќе се дојде до еден бран на поскапување на производите кои се наменети за широка потрошувачка. Предупредуваме дека многу е веројатно во наредниот период во следните неколку месеци, поради целокупната ситуација во државата, поради слабата економска моќ, падот на производството, намалените странски инвестиции, слабата и загрозена монетарна кредитна активност, НБРМ нема да може да успее да го исконтролира курсот на денарот. Многу е веројатно, би сакале да грешиме, но постојат сериозни индиции дека денарот ќе девалвира во однос на еврото, што ќе доведе до комплетно уништување на платите и пензиите. Со овие поскапувања ќе се отвори инфлаторната спирала и во таков случај советот на економската мисла е “купувајте евра”. Се шпекулира, а тие шпекулации се повеќе и повеќе добиваат на тежина дека под параванот на определена безбедносна криза ќе биде искористено токму за таква девалвација. Ќе се искористи одредена безбедносна криза за девалвирање на денарот. Тоа доведува до уште една страшна констатација за Република Македонија. Покрај сите овие поскапувања имаме многу мали странски инвестиции, зголемување на надворешниот долг, зголемување на долговите на одредени фондови, огромна невработеност, загрозена монетарно-кредитна активност и се посериозни се шпекулациите, односно најавите кои во последно време повторно се актуелизираат како од домашните, така и од меѓународните субјекти дека во РМ би било многу веројатно да се воведе меѓународен валутен борд, што, де факто, значи држава во стечај. Притисоците што ги трпи актуелната власт од страна на определени бизнис кругови за девалвација на денарот. Сите овие работи се на ниво на индиции, но сите и почнуваат од индиции па завршуваат со некои мерки кои се извонредно непопуларни. Сево ова го загрозува економскиот суверенитет и економската стабилност на РМ. Доколку се воведе меѓународен валутен борд во македонската економија, тоа би значело дека сувереноста која ја имаме во поглед на економијата е ограничена или загрозена. Власта шири демагогии дека секојдневно сме се поблиску до Европа. Нашата економија во моментов е извонредно неконкурентна и ако вака продолжат работите и покачувањето на цените и економската неактивност, се повеќе држи фактот дека ќе се доведеме во ситуација да добиеме негативен одговор на Евро-прашалникот.
Весна М. БОЖИНОВСКА