2019 година беше година на порази, национално понижување и општ грабеж на парите на граѓаните. 2019 година беше година на криминал, корупција, рекет и непотизам. 2019 година беше година на мафијашки престрелки, запалени автомобили и беззаконие. 2019 година беше година на клиентелистичко Кацарска судство, поданичко Рускоска обвинителство и неправди. 2019 година беше година на пропаѓање на образованието, деградирање на земјоделието и криминализирање на здравството преку општ тендерски грабеж. 2019 година беше година на целосна стагнација на капиталните инвестиции и масовно иселување на младите, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата истакнуваат дека граѓаните во 2019-та ја живееја најмрачната година во историјата на државата благодарение на Зоран Заев. Наместо просперитет и успех, граѓаните живеат во чемер и јад

-Годината која Заев ја најави како економска, впрочем е годината кога македонската економија колабираше. Годинава криминалната власт предводена од аболицираниот Заев не успеа да реализира ни 50 проценти од капиталните инвестиции, а домашните бизнисмени годината „економската“ година на Заев ја оценија како една од најлошите години во независна Македонија. Парите од секојдневното задолжување преку криминални тендери и грантови, непотистички вработувања завршија на сметките на партиски и владини функционери. Ни во 2019-та година лекарите не ги добија ветените 100 илјади денари плата, а речиси да не минува ден без протест на здравствените работници. Повеќе од 400 лекари си заминаа од државата само годинава, а пациентите се оставени на милост и немилост. Студентите по медицина „задолжително“ учат и еден странски јазик паралелно со студирањето и размислуваат каде ќе избегаат по завршувањето на студиите. “Најкултурен” настан организиран од власта годинава беше дивеењето на шверцери во МНТ. Состојбата во културата е  катастрофална. Не минува доделување на грантови или државна помош без крупен скандал. Културните работници наместо во театрите и институциите во кои што работа се на улица, се наведува во соопштението.

Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека Македонија ја нема на ниту еден универзитет на Шангајската листа.

-За време на владеењето на Зоран Заев се случи и најголемата криминална афера во историјата на независна Македонија, аферата „Рекет“ во која се вмешани високи функционери на власта. Од сведоците дознавме кој се го посетувал домот на Бојан Јовановски, сите ги видовме неговите фотографии лично со Зоран Заев. Нема веќе дилеми во јавноста дека 2 пати аболицираниот криминалец Заев е на чело на криминално-рекетарска банда сместена на Илинденска бб. Повеќе од 500 илјади граѓани денот го поминуваат со само еден оброк, бидејќи повеќе и не можат да си дозволат. Овие наши сограѓани не планираат каде ќе ги поминат новогодишните празници туку како ќе го преживеат месецот. Наместо 500 евра плата, 500 километри автопат, живот како што ветуваше СДСМ македонските граѓани добија едно големо „мало сутра“ од Зоран Заев. Казната за лагите, поразите и понижувањата кои Зоран Заев им ги сервираше на македонските граѓани доаѓа на 12 април. Граѓаните на Република Македонија ќе ги поразат црнилата и ќе ја одберат обновата. Гласот за ВМРО-ДПМНЕ ќе е глас за обнова на Македонија. Доаѓаат подобри времиња за Македонија и нејзините граѓани, стои во партиското соопштение.