Новиот концепт е тешка импровизација во која најмалку се водело сметка за образованието и неговата содржина, реагира ВМРО-ДПМНЕ по прес-конференцијата на министерката за образование, Мила Царовска која говорејќи за измените во наставните програми рече дека предметите историја и географија влегуваат во еден – општествени науки, а хемија и биологија во природни.

Според опозициската партија, со тоа, учениците и наставниот кадар повторно се притиснати во положба врз нив да се вршат опити. Истовремено, ВМРО-ДПМНЕ прашува дали со тоа ќе се избрише предметот историја поради прилагодување кон политичките потреби на СДСМ.

„Ниту е “постигнат концепт” ниту пак е тоа во некаква близина до финскиот модел. Ова е тешка импровизација во која најмалку се водело сметка за образованието и неговата содржина. Оваа концепција не соодветсвува со ниедна образовна во светот. Она што во време кога се оспорува нашиот идентит, јазикот и историјата на Македонија, гледаме дека предметот историја се интегрира во општествени науки, заедно со дел од географија и граѓанско образование. Дали ова значи кратење на наставните програми по историја и да ли ова значи прилагодување на историјата кон политичките потреби на СДСМ? Ќе ја избришеме ли целата македонска историја? Зошто учениците во новата концепција, не би имале барем една година национална историја, како што има во други земји? И во финската програма постои Историја како водечки предмет со социјални студии од 3 то до 9 то додделение“, наведува ВМРО-ДПМНЕ во реакцијата.

Партијата прашува по чиј налог и програма е избришана историјата како предмет.

„Ако министерката постојано тврди дека може да обезбеди онлајн наставата непречено во 90 отсто, како тоа не може да обезбеди одговор на анкетата од сите засегнати страни за вакво клучно прашање? Како на толку важна анкета и одговориле само околу 16 проценти? Каде се резултатите од учениците и дали тие имаат ставови, дали се анкетирани тие? Каде се резултатите од родителите и нивните ставови? Каде се одговорите од стручните служби во училиштата? Каде се директорите и мислењата на професорите од наставничките факултети? Каде се искуствата од други земји за ваква интеграција на предмети? Што понатаму со кадарот како што се физичари, математичари или хемичари?“, прашува опозицијата.

Според ВМРО-ДПМНЕ, досега презентираното е чист популизам и личен ПР на Мила Царовска во, како што велат, најтензичниот општествен период од македонската понова историја.

извор: Makfax