Опозоциската ВМРО-ДПМНЕ за денеска најави протест пред Владата поради преговорите со Бугарија.

Протестот пред владината зграда е закажан за во 13 часот, а поаѓањето ќе почне половина час порано од СЦ „Борис Трајковски“ и СЦ „Јане Сандански“.

Од партијата велат дека излегуваат на улица затоа што премиерот Зоран Заев повторно излажал дека не преговарал за идентитетот.

„Заев изјави дека е постигнат напредок во преговорите меѓу комисиите, претставниците на комисиите изјавија дека нема напредок што значи дека Заев лаже. Заев изјави дека не преговара за идентитетот додека претставници на историските комисии потврдија дека камен на сопнување е токму зборот македонски што е фундаментот на нашето идентитетско определување. Заев кажа дека има напредок за 5 историски личности, претставници на комисиите изјавија дека нема дефинирано заклучоци и има нула напредок и на тоа поле. Заев изјави дека се пред договор за 11 записници од средбите на историските комисии додека бугарската страна го негира тоа. Заев се откажа јавно од антифашистичкото наследство со самото тоа што Бугарите ги прогласи за ослободители наместо окупатори во Втората светска војна“,  наведува опозициската партија.

извор: Makfax