Надлежните институции втор ден не успеаа да се справат со најголемиот предизвик да се премости дигиталниот јаз во образованието, рече Марија Митева од ВМРО-ДПМНЕ.

Таа истакна дека Министерството за образование и наука, освен бледото известување дека во тек се тестирања на платформата и дека се надеваат дека ќе се соочат со сите предизвици, останало немо на безбројните критики.

„Поплаките на родителите, на учениците, а и на наставниците се многубрјни. Во овој момент се поставува прашањето дали учебната година воопшто ќе започне на 1-ви oктомври? Факт е дека следните неколку недели ќе се потрошат на дополнителни обуки. Време за имплементација, време за обуки на кадар, но не и време за пренесување на знаењето на учениците. Покрај безбројните проблеми со кои се соочуват сите, за жал ќе има и ученици, близу 40 илјади, кои од различни причини нема да можат да пристапат до платформата. За непречено следење на наставата беа наведени потребни спецификации кои уредот треба да ги поседува. Дополнително, тоа извлекува близу 20 илјади денари од семeјниот буџет“, изјави Митева.

Како што додаде, на сите отворени прашања кои предизвикуваат конфузија националните координатори бараат трпение од учениците, наставниците и родителите.
Оваа Национална платформа, вели Митева претставува компилација на веќе постоечки систем, но не е функционална.

„По правило, крајниот корисник, учениците и наставниците, не се користат за тест фаза. Владата на СДСМ носи одлуки базирани на притисок од јавноста, а не врз основа на јасен, концизен и стручен план. Контрадикторноста и промената на одлуки е нивна одлика, но платформи кои не функционираат нема да ни донесат резултати“, додаде Митева.

извор: Makfax