Денешната прес-конференција ќе ја започнам со еден цитат: „Јас сум дискриминирана од работниците. Немам право да зборувам со ниту еден. Немам ниту столче, ни кај да ја оставам јакната. Јакната ја оставам кај што ги чувам метлите и кофите. Решив да ја барам правдата по судски пат. Пред да одиме на суд, градоначалникот ги собра сите сведоци и им се закануваше. Јас лично го слушав како ги учи да лажат и да сведочат против мене само за да бидам избркана.“ Ова е цитат од Снежана Цветковска, хигиеничарка и кафекуварка којашто 11 години работи во општина Лозово.

Македонската јавност вчера беше згрозена од овој случај и од психичкото малтретирање, омаловажување и демонстрирање на моќ од страна на градоначалникот на СДСМ во Лозово Ацо Велковски.

Вчера јавноста виде една беспомошна жена којашто нема што повеќе да изгуби, па реши храбро да ја каже тортурата низ која минува поради функционер на СДСМ. Да потсетам, ова е втор случај на овој функционер, кој јавно е обзнанен, а не е санкциониран. Почитувана јавност, ова е само една жена од многуте која што трпи психичко насилство од функционери на оваа власт. Ги има многу и верувајте веќе не се плашат од оваа тиранска власт. Во нормална држава, премиерот веднаш би побарал од градоначалникот после ваков скандал да си понесе оставка и истиот ќе го осуди. Но, ова е Македонија каде што премиер е Зоран Заев, творецот на онаа познатата „Живи луѓе има да јадеме кога ќе дојдеме на власт. Ќе бркаме се од хигиеничарка до министер“. Тоа и се случува. Сакам да упатам една порака до сите жени како и до сите граѓани коишто биле и се жртви на оваа тиранија, рече во својата изјава за медиумите пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Благица Ласовска и додаде: 12 април е вашиот ден, 12 април е денот кога треба да ставите крај на овој мобинг, на оваа тортура и на ова робовладетелско владеење на СДСМ.