ВМРО-ДПМНЕ утрово преку соопштение ја повтори заложбата за итна и неодложна ревизија на работата на судиите во Врховниот суд. Ова е едно од барањата што синоќа на маршот на ВМРО-ДПМНЕ за правда го посочи претседателот на партијата, Христијан Мицкоски, кој порача дека таму каде што ќе бидат утврдени неправилности потребни се оставки и одговорност пред законите.

„Снимката што ја слушна јавноста покажува дека Врховен носел пресуди по ‘трас-трас’ системот на Заев, а за целиот процес запознаена била и Катица. Одговорност за Заев мора да има. Заев мора да одговара за злоупотреба на службената положба и овластување, но не со ова обвинителство, туку со обвинителство во кое ќе бидат обвинители предложени од експертската јавност, луѓе кои уживаат кредибилитет во фелата и имаат интегритет. Во Врховниот суд  на Република Македонија мора да има итна и неодложна ревизија на работата на судиите“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Партијата додава дека е неопходна и итна реформа на Советот за реформи во правосудството што ќе подразбира времено суспендирање на секаква негова активност поради контаминираноста на неговата работа и барање на меѓународна експертска помош во реализирање на реформите.

 

извор: Makfax