Македонија од ММФ и Светската банка, годинава, очекува да добие реформски аранжмани, односно пари со кои ќе може да ги спроведе неопходните реформи за да го зголеми развојот и да ја намали невработеноста. Владата и овојпат е цврсто решена на реформските чекори и од преговорите што се почнати со СБ за нов аранжман, се очекува во наредниве три години за реформските потези да добива по 30-тина милиони долари годишно, а првата транша би стигнала во октомври, годинава. Ваков реформски аранжман Владата очекува дека ќе добие и од ММФ, чија техничка мисија е веќе во земјава, а од понеделник стартуваат и главните преговори со шефот на тимот на Фондот за Македонија, Франек Розвадовски. И од овој аранжман Македонија се надева дека ќе добие околу 30-тина милиони долари. Колку овие пари ќе бидат доволни или не да се направат суштински реформи во повеќето сектори, е дилема што ја поставуваат одделни експерти, ако се земе предвид дека во изминативе 14 години земјава од ММФ и Светската банка има добиено околу милијарда долари, пари за платно-билансна поддршка, но и за реформи, а за волја на вистината ниту економијата заживеа, ниту е остварен некој поголем пораст, а невработеноста од година во година е се поголема. Поголемиот дел или помалку од две третини од добиените пари се од СБ, која во земјава има пласирано 655 милиони долари, додека ММФ одобри 258,8 милиони долари. Од кредитите што Фондот ги одобрил во изминативе години повлечени се само 169 милиони долари, кои се искористени стриктно за платно билансна поддршка на Буџетот во земјава, а бидејќи сервисирањето на обврските кон Фондот одело редовно, Македонија нема платено ниту долар повеќе на име на казнена камата. Од парите што досега ги одобри Светската банка, недоделени останаа уште 60 милиони. Најголемиот дел од овие средства се пласирани преку Меѓународната агенција за развој (ИДА) и тоа 365 милиони долари, а остатокот преку Меѓународната банка за обнова и развој (ИБРД). Инаку, најмногу пари, според официјалните податоци на Централната банка на Македонија и се одобрени 1996 година и тоа 121 милион долари. За разлика од ММФ, Банката давала пари за повеќе намени. Најголемиот дел или 320 милиони долари се пласирани за реформи во индустријата и во јавната администрација, а најпродуктивно биле искористени оние наменети за сообраќајната инфраструктура (автопати, модернизација на аеродромите). Домашните експерти се согласни дека Македонија може да добие многу повеќе пари ако има јасна стратегија за тоа што сака пред да влезе во преговори со ММФ и Светската банка. Само за илустрација, парите што Македонија ги доби од двеве институции за изминативе години, се многу помали од оние што ги добиле Хрватска и Србија и Црна Гора за само една година.


Весна М. БОЖИНОВСКА