Прославата на големиот национален празник „Илинден“, кој годинава се одбележува под мотото „Сите сме деца на Илинден“, во Крушево, започнува вечерта на 1 август на Гумење со церемонија за започнување на „10 дена Крушевска Република“ која ќе биде заокружена со богата музичка програма.

Свечената церемонија на 1 август започнува во 19.35 часот со интонирање на државната химна, по што ќе се обрати градоначалникот на Општина Крушево, Томе Христоски. Со импровизирано пукање од црешовото топче и со огномет ќе биде означен почетокот на програмата, по што следува музичкиот дел.

Присутните гости во 20.30 часот ќе имаат можност да уживаат во изведбите на гитарските виртуози Влатко Стефановски и Мирослав Тадиќ.

После нивниот настап, со почеток во 22.00 часот, сестраниот композитор, аранжер и клавијатурист Џијан Емин придружуван од Филхармонија и Здружението на џез-уметници (ЗЏМ) ќе одржи електро-акустичен концерт.

По концертната програма, на полноќ ќе биде изведен традиционалниот импровизиран напад на градот.

Свеченото одбележување на 116-годишнината од Илинденското востание и 75-години од Првото заседание на АСНОМ продолжува на 2 август, кога на Мечкин камен ќе биде одржана Централната свеченост по повод државниот празник Ден на Републиката – 2 Август, Илинден.

На свеченоста ќе се обрати претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, по што е предвидена свечена културно-уметничка програма.

Дел од програмата, во рамки на прославата на Илинден, се и настапите на Ансамблот „Танец“, културно уметничкото друштво „Емин Дураку“ и мешаниот хор „Крушево“.

извор: Makfax