Откако на последната прес-конференција во Скопје им порача на македонските обожаватели – Купете картички од надвор и гласајте за Македонија”, годинешниот евровизиски претставник Влатко Илиевски, кој во понеделникот заедно со македонската делегација тргна на најголемиот европски фестивал, деновиве пристигна во Дизелдорф. Шармантниот пејач, кој со својата “Русинкаа на 12 мај треба да обезбеди место во големото финале, вчерашниот ден во Германија го искористи за кратка прошетка низ градот, но и за својата прва официјална проба. Влатче го скршил мразот, а воедно и тремата, на сцената застанувајќи со своите пет танчарки. Девојките се појавиле во бели тренирки со златни ленти, а Влатче на сцената ја понел и својата гитара.

Според најпознатиот евровизиски портал esctoday.com тој на сцената стои зад микрофонот додека танчарките го придружувааат. Во позадината ротираат бели коцки со кирилични букви во нив, сето инспирирано од видеото направено за песната. За време на инструменталниот дел Влатче зборува во мегафон, за пред самиот крај да има и малку руски казачок. Се на се, се вели на страницата, солидна изведба со словенски и балкански примеси.

Пред заминувањето за Германија Влатче напорно работеше на промо-турнејата на “Русинка”, но сепак главниот дел од работата допрва следува. Токму деновиве освен пробите, полуфиналето и борбата за влез во големот финале го очекува и македонската вечер на која, за разлика од рускиот мелос, во дел од песната ќе доминираат македонски елементи, како што се храната и пијалакот, а ќе биде поделен и многу промотивен материјал.

(Ив.Т.)