Власта најавува дека нема да има одложување на пописот во државата што треба да се одржи догодина, за што законското решение веќе е во собраниска процедура. Пописот, како што рече премиерот Зоран Заев мора се одржи в година, а ќе се спроведе по стандарди на ЕВРОСТАТ. Опозицијата, пак, не го прифаќа предложеното решение за пописот, со оценка дека тоа е штетно и неевропско, и не ги исполнува критериумите на ОН за спроведување попис на население. По ваквите спротивставени ставови, беше прекината и седницата на собраниската комисија која требаше да расправа по предлог-законот, заради дополнителни консултации, а беа најавени разговори за усогласување на ставовите на власта и опозицијата.

– Дефинитивно не прифаќам одложување на пописот за во 2021 година, рече премиерот Зоран Заев за најавените средби со опозицијата неделава на кои ќе се разговара за Законот за попис.

Тој нагласи дека и кај нас ќе се применуваат, како и секаде во светот, стандардите на ЕВРОСТАТ.

– Домаќинство кое влегува во попис е секое што живее тука или се отселило од државта не подолго од една година. Секој што повеќе од една година е надвор од државата се попишува, но не влегува во домаќинства, а ќе биде попишан како дијаспора, како семејство или граѓанин кој живее надвор од државата, појасни Заев.

Додаде дека во последните две години ги добиваат податоците од МВР и се знае во секој момент кој граѓанин е повеќе од две години надвор од државата.

Пратеникот од опозициската ВМРО-ДПМНЕ Влатко Ѓорчев на седницата на комисијата побара Предлог-законот за попис да се повлече. Предлогот го оцени како како штетен и неевропски, кој не ги исполнува критериумите на ОН за спроведување попис на население.

– Апсолутно е приоритет да имаме попис во Република Македонија според критериумите на Евростат, на ЕУ и ОН. Овој вака предложен закон од власта на Зоран Заев и неговиот Завод за статистика во кој немаме никаква доверба апсолутно не е на таа линија. Законот треба да се повлече и да се види што и како понатаму затоа што граѓаните се масовно незадоволни од Предлог-законот за попис, рече Ѓорчев.

Иако предлогот не беше повлечен од дневен ред на собраниската Комисија за европски прашања, претседателот Артан Груби ја прекина работата по оваа точка заради потреба од дополнителни усогласувања помеѓу политичките партии во врска со овој Предлог-закон.

– Ова е веќе втор обид како се обидувам Законот за попис во 2020 година да го ставам на седница на Комисијата за европски прашања, но и двата пати по бараање на двете најголеми парламентарни партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, се одложува дебата за овој закон поради потреба од дополнителни консултации и доближување на ставовите по Предлог-текстот на законот. Затоа денеска ја отворивме седницата, го утврдивме дневниот ред со таа точка и ја прекинав седницата за да дозволам простор за усогласување помеѓу политичките партии врз основа на Предлог-текстот, изјави Груби.

Вели дека ДУИ во врска со овој текст нема никаков проблем, ниту тој како претседател на Комисијата за европски прашања.

– Сметаме дека овој Предлог-закон е прифатлив и затоа му дадовме поддршка во Владата и ќе го поддржиме во Собранието. Ќе видиме на кои ставови ќе се усогласат СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ па потоа ќе ги дадеме  нашите ставови врз основа на нивните  забелешки. Јас немам видено никакви забелешки од страна ниту на ВМРО-ДПМНЕ, ниту на СДСМ, и сметам дека коалициски останува на овој Предлог-тескт кој исто така е прифатлив и за ЕУ, рече Груби.

Тој истакна дека ДУИ е отворена за дебата и се надева дека законот ќе биде усвоен навреме за да може да се  реализира пописот во април 2020 година.