Завчеравечер, во Универзална сала, пред над двеилјадна публика составена од неколку генерации, се случи првиот од низата од четири концерти на Владо Јаневски. Владо е цар! Вакви беа коментарите на публиката по завршувањето на концертот на чаирскиот романтичар. Тие беа гладни за ваков настан, но воедно и забава. Беа трпеливи бидејќи знаеја што ќе добијат. Не ги поколеба ни доцнењето од половина час, а трпеливоста на крајот им се исплатеше. Но, да му се вратиме на Владо. Тој на сцената беше извонреден и после две-три песни го оствари потребниот фидбек со публиката. Атмосферата ја вжешти уште од првата секунда. Најголемите хитови ги испука на почетокот. Сценариото е перфектно извежбано и без грешка, а бројната и неуморна публика од прв до последен збор ги пееше песните, хипнотизирано гледајќи во својот идол. “Не зори, зоро”, “Парче душа”, “Напрај место”, “Црно тиквешко”, “Кој е крив”, “Чаирска романтика”… беа само дел од богатиот арсенал на Владо со кој тој успеа да го разнежни Скопје. Како десерт на сето она што се случуваше завчеравечер беше појавувањето на сцената на поп дивата Каролина Гочева, која во дует со Владо ја испеаја длабоко емотивната “Некогаш и негде”. Навистина неповторлив концерт. Барем до вечер, кога на програмата во Универзална е третиот концерт на Владо.


(А.Н.) Фото:А.Ивановски