Прославениот српски кошаркар Владе Дивац, кој деновиве тргна во хуманитарна кампања со мото “Владе прави нов тим”, всушност има намера на претстојните избори да се кандидира за градоначалник на Белград, а потоа и за претседател на Србија. Ова го тврди извор на “Курир”, кој додава дека целата акција на неговото простување од кошарката, комбинирано со хуманитарна помош за бегалците, има политичка димензија.

“Дивац уште минатата година првпат ја истакна својата намера политички да се ангажира. И покрај тоа што се говореше дака би бил добар кандидат за претседател, неговата намера е прво да влезе во трка како кандидат за градоначалник. Тоа е првиот негов чекор кон остварувањето на амбицијата еден ден да биде претседател на Србија” – вели извор близок на Дивац.

Неговата сопруга Снежана ги демантира сите тие работи, тврдејќи дека нема никаква политичка намера, туку дека кампањата е чисто хуманитарна.

Меѓутоа, јавноста на Србија се повеќе верува во спротивното, бидејќи тој самиот неколку пати ги истакнал своите политички амбиции, а и најновиот слоган му е крајно двосмислен.

“Владе Дивац е институција за себе.Од една страна, луѓето го поврзуваат со играњето кошарка, па тој слоган може да се сфати како негова желба за создавање нов тим на млади таленти. Меѓутоа, “ново тим” може да значи и создавање екипа што ќе ја повлече Србија напред” – вели стручњакот за маркетинг Марин Шимурина.