До крајот на месецов, како што најавуваат од владината Служба за општи и правни работи, се очекува во Македонија да пристигне новиот авион “лирџет 60” кој Владата го купи за државни потреби. Според Горан Минчев, директор на оваа служба, привршува обуката на тројцата пилоти, кои беа избрани на конкурсот, а истата се изведува во Далас каде канадскиот производител на авиони од овој тип “Бомбардие” има тренинг-центар. Недостасува уште еден пилот, бидејќи во план е авионот да го опслужуваат два пилотски екипажа, така што дополнително ќе биде распишан повторен конкурс. Авиослужбата ќе има деветмина вработени и покрај четворицата пилоти ќе има и раководител, диспечер, помошник-диспечер и двајца авиомеханичари, кои, за разлика од претходно, ќе бидат вработени со редовен работен однос. Новиот државен авион, кој е целосно исплатен, ќе биде во бела боја, со црвена опашка и на него ќе биде напишано “Република Македонија”. “Лирџетот 60” веројатно ќе биде во луксузна варијанта и со него ќе можат да патуваат помали државни делегации, бидејќи има само седум седишта. (З.П.)