Владата најавува до крајот на неделава разрешница на спорот околу исплатата на дивидендата од Телеком. Како што дознаваме од владини извори, се очекува до 15, овој месец “Матав” да и исплати на Владата, ако не целата сума, тогаш две од вкупно трите предвидени транши на име на веќе договорената дивиденда од 42,4 милиони евра. Според договорот пред неколку месеци со првиот човек на “Матав”, Елек Штрауб, Владата до 5 март требаше да ја добие првата транша од парите, а некаде наесен и целата сума. Унгарците ја одолговлекуваа исплатата правдајќи се со образложението дека не се задоволни од Законот за електронски комуникации, што, пак, од Владата сметаат дека не може да биде пречка за префрлање на парите. Краен рок за потпишување на договорот за исплата на дивидендата е 31 овој месец. Сепак, се надеваат од двете страни дека решение ќе биде постигнато, бидејќи на никого не му е во интерес да бидат скарани акционерите во компанијата. Токму во насока на стоплување на заладените релации, се и шпекулациите дека, наводно, веќе има најави од “Матав” за исплата од Телеком и “Мобимак” на надоместоците за користење на радиофреквенции за минатата година, а кои двете компании ги оспоруваа дека се нереални. Согласно со решенијата што им ги достави Управата за телекомуникации, “Мобимак” треба по тој основ да и плати на државата 2,2 милиони евра, а Телеком 200.000 евра, што покрај дивидендата од 42,4 милиони евра, во буџетот на државата само од овие две компании треба да се слеат 45 милиони евра. (С. Бл.)