Неизвесноста што ја предизвика Министерствот за финансии со криењето на даноците за капитална добивка од продажбата на акции и данокот на добивка на котираните компании, предизвика невидени нарушувања на пазарот на капитал. Имателите на акции, во очекување на даноци, панично ги распродаваат акциите од најголемите компании. Ваквата енормна понуда, наспроти побарувачката резултираше со пад на цените на акциите на најпрофитабилните компании од една страна и несигурен амбиент на инвестирање за сите домашни вложувачи и купувачи на акции. Вакви услови на работа на Берзата и однос од страна на институциите на системот, велат брокерите, кои инсистираа на анонимност, се невидени на светските берзи и на пазарот, воопшто. Таму десет години однапред се знае на какви трошоци се изложени сопствениците на акции, а ние не знаеме ниту десет дена претходно.
Гласините дека Владата од 1 јануари идната година ќе го укине даночното ослободување од капитална добивка и ќе воведе 30 насто данок на неа, како и дека ќе се спушти даночната бенефиција од сегашните 50 отсто на данок на добивка на котираните компании на некои (според шпекулациите) 30, 20 и 10 насто во следните три години, само ги исплашија домашните инвеститори. И фирмите и физичките лица масовно се ослободуваат од акциите, велат брокерите, но затоа ќаруваат странските инвестициски фондови, што секако не е рамноправен третман на инвеститорите, на наша штета.
Странските инвеститори во ноември во вкупнот промет на Берзата учествуваа со 46,21 отсто од страна купувањето, а од страна на продажбата со 13,2 отсто, односно многу повеќе купуваа отколку продаваа, бидејќи нив не ги “фаќаат” идните даноци. Во Кабинетот на министерот за финансии вчера потврдија дека имаат свој “даночен пакет” кој е во владина процедура, но одбиваат да ги кажат стапките, односно ќе ги објават “кога тоа ќе треба” ни изјави Маја Богдановска, шеф на Кабинетот на министерот.
Што, всушност, се случи со цените на акциите на најуспешните компании најдобро говори примерот кај десетте најуспешни компании, односно акциите на Комерцијална банка кои достигнаа максимална цена од 4.630 денари, а минимална 2.100, на Алкалоид од 4.800 максимум до 3.350 минимум, на Топлификација од 3.701 на 2.600, Макпетрол од 21.000 на 14.510, на Охридска банка од 5.600 на 3.200 денари минимум и на Стопанска банка Битола од 7.800 максимална на 4.400 денари минимална цена. Берзанските експерти, кои се поумерени во критиките, велат дека се случува “пазарна корекција” по купувачката еуфорија што доведе до пораст на берзанскиот индекс од 140 насто, но не негираат дека поради јануарските очекувања на даноците, инвеститорите антиципираат натамошен пад на акциите и дополнителни трошоци и сега масовно продаваат акции со цел да пресретнат некои поголеми загуби.


Виолета ЦВЕТКОВСКА