Владата на денешната 32 седница ги утврди текстовите на предлог законите за управување со отпадот, на законот за проширена одговорност на производителот во управувањето со посебни текови на отпад, на законот за управување со електрична и електронска опрема и отпадна електрична и електронска опрема, на предлог законот за управување со дополнителни текови на отпад во системот за проширена одговорност на производителите, на предлог законот за управување со пакување и отпад од пакување, како и на предлог законот за управување со батерии и акумулатори и отпадни батерии и акумулатори.

Сите овие предлози за закони се во согласност со регулативата на ЕУ за управување со отпадот и со нив комплетно ќе се имплементираат принципите на циркуларна економија во управувањето со отпадот.
Суштинските придобивки од законските решенија што се донесуваат, од кои некои од нив за прв пат во нашата земја, меѓу другото се:зајакнување на обврските за производителите и колективните постапувачи, како и општините за да се обезбеди потребното селектирање на отпадот, воведување хиерархија во постапувањето со отпадот, утврдување на статус на секундарните суровини и укинување на статусот на отпад за производите кои можат да се реискористат, рециклираат и преработат за да не завршуваат на депонииите. Исто така, воведување финансиска одговорност за производителите на пакување, батерии и акумулатори, електричен и електронски отпад, како и сосема нови текови на отпад со искористени возила, отпадни масла, отпадни гуми и текстил, а предвидена е и забрана за пластични ќеси, еколошки дизајн на пакувањата и можности за кауција и стимулација на повратна амбалажа.

Од овие законски решенија кои ќе бидат доставени на усвојување во Собранието, одговорноста за целиот циклус на отпадот од производство до рециклажа е на производителот, а граѓаните ќе бидат задолжени да вршат селекцијата на отпадот, додека општините заедно со колективните постапувачи ќе имаат јасни обврски да им ги овозможат сите неопходни услови за селекција на отпадот на сите граѓани, соопшти Владата.

извор: Makfax