Владата се отвора кон граѓаните
Во Владата вчера беа презентирани три нови интернет портали. На првиот – www.uslugi.gov.mk , граѓаните можат да добијат информации за која било услуга од јавната администрација. На интерниот портал на Владата www.gs.gov.mk се добиваат информации за подобро работење на самата Влада, а третиот www.emarketplace.org.mk е наменет за промоција на мали и средни претпријатија што досега не биле присутни на интернет.
По тој повод, премиерот Владо Бучковски истакна дека користењето на овие услуги, ќе отвори нова ера во комуникацијата на државната администрација со граѓаните и ќе обезбеди големи придобивки за сите нас. Според него, тоа ќе придонесе за поголема транспарентност во работењето на Владата, нејзините министерства и јавната администрација, ќе ги зајакне нејзините капацитети како дел од реформите согласно со препораките на Европската унија, но и ќе овозможи отворен пристап кон услугите на јавната администрација. Со ова, рече тој, Македонија станува лидер во оваа сфера во регионот, но и ќе даде позитивен потстрек во развојот на домашната информатичка индустрија.
Директорот на “Мајкрософт Македонија”, Илијанчо Гаговски појаснувајќи ги трите интернет-портали, нагласи дека можеби најзначајниот е оној преку кој граѓаните ќе можат да воспостават комуникација со јавната администрација и да добијат информации за 166 услуги, кои во моментов ги нуди таа. Вториот портал, според него, е значаен во насока на тоа што малите и средни претпријатија ќе можат да ја покажат својата понуда, да најдат фирми кои го нудат она што им е потребно. Третиот портал е интерен, и со него Владата, Генералниот секретаријат и Кабинетот на премиерот ќе имаат можност да го контролираат статусот и динамиката на одговорите на пратеничките прашања од министерствата, реализацијата на заклучоците на Владата и на Годишната програма на Владата. (С. Бл.)