Владата не` задолжи за 400 милиони долари
Македонија и натаму продолжува со задолжувањата кон меѓународните финансиски институции, банки, земји-кредитори. Надворешниот долг на земјава на крајот на септември годинава, според последните официјалните податоци на Народната банка на Македонија, достигнал дури 1,98 милијарди долари што е рекордно ниво во однос на состојбата во изминативе седум години. За илустрација, борчот на нашава земја кон надворешните финанисери на крајот на 1999 година изнесувал 1,44 милијарди долари, што говори дека за овој период сме се задолжиле со нови 536 милиони долари.
Само оваа Влада од декември 2002 година, кога износот на долгорочните кредити и заеми изнесувал 1,57 милијарди долари, досега го зголеми долгот за околу 400 милиони долари. За деветте месеци од годинава, Македонија се задолжи со нови 20 милиони долари.
Во структурата на долгот, најголем дел или над 1,24 милијарди долари е кон официјалните кредитори, односно мултилатералата како што се: ММФ, Европската банка, ИФАД, ЕУРОФИМА… Најголемиот дел од овој износ или 365 милиони долари отпаѓа на борчот кон ИДА (афилијација на Светската банка). Во однос на декември минатата година, до септември годинава долгот е зголемен кон ММФ, ЕБРД и ИФАД, додека кон сите останати мултилатерални кредитори е намален.
Помалиот дел од вкупниот надворешен долг на Македонија или околу 735 милиони долари е кон приватните кредитори. На Лондонскиот клуб му должиме околу 222 милиони долари или десетина милиони долари помалку од она што должевме на крајот на минатата година. На останатите финансиери од оваа група им должиме 513 милиони долари, од кои 274 милиони на банки и финансиски институции и 238 милиони долари на нефинансискиот приватен сектор.
И краткорочно гледано на задолжувањето, Македонија го зголеми својот долг. Од околу 55 милиони долари на крајот на 1999 година, тој се искачи на 90 милиони долари на крајот на септември, годинава. Или во однос на крајот на минатата година, по основ на краткорочни кредити, задолжени сме за нови околу 20 милиони долари.
Според гувернерот на НБРМ, Петар Гошев, долгот на Македонија гледано во апсолутен износ се зголемува, но релативно тој се намалува. Битно е, вели Гошев, неговото учество во БДП, кое сега е на ниво од околу 40 отсто. “Ова ја става Македонија во редот на средно задолжени земји, а по одделни параметри и под оваа задолженост. Значи, не сме презадолжена земја и долгот е под контрола”, вели Гошев.
Весна М. БОЖИНОВСКА