Владата не држи ничија страна
Ниту работниците треба да се презаштитени ниту работодавачите смеат да претеруваат со своите барања. Ова вчера за “Вечер” го изјави министерот за труд и социјала Стевчо Јакимовски, кој рече дека мора да дојде до флексибилност на пазарот на трудот и дека е време да се мисли и за невработените. Тоа значи дека секој вработен треба да го чува своето место за да не го изгуби, односно дека не може да се толерираат бескрајни боледувања или фирмите да ги финансираат штрајковите. Но Јакимовски е со остри критики и кон работодавачите, посебно искажани преку новоформираната комора, кои претеруваат со своите барања, па дури и предложиле да има категорија “отказ” без образложение, што е неприфатливо за Владата. Владата ќе ги почитува интересите и на вработените и на работодавачите и засега само се сублимираат мислењата на сите страни пред да влезат во конечна законска форма. (В.Ц.)