Владата му ја врати зградата Работнички дом на Сојузот на Синдикатите на Македонија. Промената на сопственоста пред само три дена била направена и во Катастар и сега во имотниот лист со број 40345 стои дека ССМ е сопственик на тринаесеткатницата во центарот на Скопје. Владата лани во ноември му ја одзеде зградата на Синдикатот, но за промената на сопственоста во Катастарот молчеа и премиерот Владо Бучковски и синдикалниот лидер Ванчо Муратовски. Само неколку недели по пишувањата на “Вечер”, зградата Работнички дом повторно е вратена во сопственост на Синдикатот.
Промената на сопственоста е направена на 9 мај врз основа на пресуда од Врховниот суд. Имено, државата застапувана од јавниот правобранител го изгубила судскиот спор со кој сакала да му ја одземе зградата Работнички дом на Синдикатот. По оваа пресуда, службениците во Катастарот биле должни повторно да го впишат ССМ како носител на правото на недвижност.
“Владата втор пат направи иста грешка.Зградата е во сопственост на Синдикатот од 1948 година. Лани бесправно ни го одзедоа имотот бидејќи тоа може да се направи само со судска одлука. Ваква глупост направи и поранешниот премиер Никола Кљусев, па Врховниот суд ја поништи одлуката”, вели Драги Јовановски, правник во ССМ. Конфедерацијата на слободни синдикати, каде членува и СОНК бара Владата да им ја подари зградата на сите синдикални организации во земјава. Во Конфедерацијата се зачудени од промената во Катастарот и велат дека овој нов момент отвора многу прашања. “Ние ја известивме Антикорупциската комисија да го испита случајот. Ако се докаже дека Владата во изминатиот период додека била сопственик на зградата плаќала кирија на сопствениот имот, тоа ќе биде мега скандал. Ако преку ноќ му се враќа објектот на Синдикатот, тоа се прави за да се покрие тоа што го правела Владата, а не смеела да го прави”, вели Дојчин Цветановски, претседател на Синдикатот за образование, наука и култура.
Сопственичкиот спор за зградата заврши, но Владата се уште јавно не соопштува дали за овој период од шест месеци во кој беше заведена во Катастарот како сопственик на зградата плаќала кирија за Уставниот суд, скопското Јавно обвинителство и Фондот за пензиско, кои беа сместени во овој објект.


Радмила Ј. НИКОЛОВСКА