Владата и Телеком не сакаат да ги дадат акциите!
Судското рочиште на кое требаше да се разгледува тужбата на 350 поранешни вработени на Телеком кои бараат од државата да им ги подели двата отсто од акциите на Компанијата, повторно е одложено. Новото рочиште е закажано за декември и како што велат дел од поранешните вработени, судскиот процес намерно се одолговлекува од страна на Владата и од Телеком, со образложение дека не постои документацијата на која се повикуваат тужителите.
Вработените бараат судот да донесе решение со кое ќе го задолжи Телеком да изврши упис на акциите на вработените во Централниот депозитар на хартии од вредност. Државата има обврска за издвојување на двата отсто акции на вработените, велат тужителите, повикувајќи се на еден од трансакционите документи од продажбата на Телеком, каде стои дека државата од своите 47,1 отсто акции во компанијата, два отсто треба да им ги распредели на вработените, а согласно со програмата што заеднички ќе ја изработат Владата и унгарските сопственици.
Токму за овие документи, адвокатите на Владата и на Телеком на досегашните пет рочишта тврделе дека не постојат, сакајќи со тоа да презентираат дека нема правен основ да се бараат тие акции, велат тужителите. Како што наведуваат, иако било тешко, адвокатот кој ги застапува успеал да дојде до трансакционите документи и тие веќе му се предадени на судот.
“Одлука за распределба на акциите има, како и програма според која веќе се ажурирани податоците на 3.561 лице, што биле во редовен работен однос на 15 јануари 2001 година. Останува само чинот на запишување во Депозитарот. Од една страна, Владата тврди дека со одлуката за распределба на двата отсто акции, нејзината работа е завршена и дека Телеком има обврска да постапи по неа. А од друга, од компанијата се правдаат дека нема владина одлука и тоа се одолговлекува веќе две години”, коментираат поранешните вработени.
Основата за поведување на судска постапка, Телекомци ја гледаат и во владината одлука од 27 август 2002 година за доделување на двата отсто акции на вработените. Министерот за финансии, Никола Поповски неколку пати излегуваше со оправдување дека одлуката за акциите била донесена во последните 30-тина дена од мандатот на Владата на Љубчо Георгиевски и како таква била незаконска и спротивна на законот за антикорупција. Меѓутоа, одлуката досега не е оспорена од другите влади што дојдоа потоа и се уште е важечка.
Од продажбата на Телеком на унгарски “Матав”, досега акционерите поделија четири дивиденди. Веќе три години по ред се делат по 40 милиони евра, а само годинава сто милиони, што значи дека вработените согласно со нивниот стаж, треба да поделат околу 4,5 милиони евра, што е пропорционално на два отсто или на вработените треба да им припаднат вкупно 1.916.775 акции.
Светлана БЛАЖЕВСКА