Владата им додели 120.000 евра на Православниот богословски факултет и Факултетот за исламски науки. Оваа одлука е објавена во вчерашниот „Службен весник“.

На Православниот богословски факултет „Св.Климент Охридски“, му се доделени 4.500.000 денари, додека на Факултетот за исламски науки – Скопје, пак, му се доделени 3.000.000 денари.

Од Владата преку соопштение велат дека не станува збор за финансиска помош за МПЦ и ИВЗ, туку за постара одлука за поддршка за реализација на студиските програми на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово, на Православниот богословски факултет и на Факултетот за исламски науки за 2020 година.

„Владата на Република Северна Македонија категорично демантира дека е донесена Уредба со која финансиски ќе се помагаат МПЦ и ИВЗ, како што објавија некои медиуми, која како дезинформација се шири и на социјалните мрежи. Вистината е дека Владата на својата 38-ма седница донесе одлука за одобрување наменски средства на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово, на Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски” – Скопје придружна членка на Универзитет „Св. Кирил и Методиј” – Скопје, како и на Факултет за исламски науки – Скопје за реализирање на студиските програми на овие три институции за 2020 година.“

Од МПЦ и ИВЗ вчера бешее соопштено дека ќе бараат помош од Владата поради финасиските загуби што ги имаат во периодот на забрана за собири во храмовите.

извор: Makfax