Владата на денешната седница ќе расправа за финансиската криза во Македонската радиотелевизија (МРТВ), откако вработените се заканија со генерален штрајк ако раководството на јавниот сервис до денеска попладне не им ги исплати заостанатите плати и придонеси. Претставници на Синдикатот на МРТВ вчера се сретнале со министерот за транспорт Џемали Мехази од кого добиле ветување дека на седницата, владините министри ќе расправаат за нивниот проблем. За разлика од Мехази, министерот за финансии Никола Поповски вчера не ги прими претставниците на Синдикатот и покрај нивното барање. Тој само изјави дека Министерството нема обврска финансиски да го помага работењето на МРТВ и на другите јавни претријатија бидејќи тие не се буџетски институции. Според Колегиумот на македонската радиотелевизија, Владата не си ја исполнила својата обврска за финансирање на јавниот сервис што произлегува од новиот Закон за радиодифузија. -Проблемите настанаа кога законот стапи на сила и кога радиодифузната такса стана единствен извор за финансирање на јавниот сервис. Таксата е задолжителна давачка и неа треба да ја плаќаат сите граѓани, но повеќе од шест месеци парите не се прибираат и касата остана празна, а во меѓувреме на МРТВ и се наметнаа повеќе нови програмски обврски и ограничување на правото на маркетиншко работење – реагираше Колегиумот на МРТВ. Според Колегиумот, во законот е ставена обврска за Владата од буџетот да исплати пари во висина од 80 проценти од вкупните средства што треба да се соберат од радиодифузна такса. – Министерството за финансии префрли пари, но тие се доволни само за исплата на плата за еден месец. Државата има обврска петте програмски сервиси, кои се емитуваат за нејзините потреби, а се наменети за иселениците, соседите и странство, да се финансираат од буџетот, а не од пари за радиодифузната такса – пишува во писмениот допис Колегиумот на МРТВ. Тие велат дека за да не се прекине емитувањето на програмите продолжиле со работа и со тоа го ставиле јавниот и државниот интерес над сопствениот, а на штета на вработените. Според Колегиумот, случувањата во јавниот сервис се резултат на долгогодишната негрижа на државата и тие ги поддржуваат најавите на Синдикатот за генерален штрајк ако не се исплатат трите заостанати плати, придонесите и надоместокот за хранарина.


Валентина МАРЈАНОВИЌ